ПРАВНА НАПОМЕНА:
Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија, ја подготвува и издава оваа електронска мрежна страница со цел подобро и поцелосно да се информира јавноста за легислативата во Република Македонија.
Доколку со користењето на нашата веб-страница забележите грешки, ве молиме да ни бидат предочени за да ги коригираме во рамките на нашите можности. Сепак, Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија не прифаќа одговорност во поглед на информациите од оваа страница.
Информациите за легислативата поставени на електронската мрежна (web-страница), пред сè се од општа природа и не се наменети за решавање на специфичните барања и проблеми на одредени физички или правни лица.
Информациите не се за професионален или правен совет (доколку ви требаат конкретни совети, секогаш треба да се консултирате со соодветно квалификуван професионалец).
Воедно, имајте предвид дека не може да се гарантира за документите кои се достапни преку оваа електронска мрежна страница (on-line).
Само прописите во Република Македонија објавени во печатена форма во „Службениот весник на Република Македонија“ се сметаат за автентични и правнообврзувачки.
Оваа клаузула, не е наменета за да се ограничи одговорноста на Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија, за работите што не можат да бидат исклучени според закон.
Електронската мрежна страница (web-страницата) на Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија, заедно со своите 3 (три) дела – целини, е предмет на посебна заштита согласно со позитивните законски прописи во Република Македонија, а особено со Законот за заштита на авторското право и сродните права, и таа не смее да се користи за понатамошна комерцијална употреба, ниту пак, да биде предмет на каква било злоупотреба или нанесување на директна или индиректна штета на нејзиниот подготвувач – издавач, без пренесување на соодветно исклучиво право од подготвувачот – издавачот (бази на податоци со „суи генерис“ заштита (член 134-в).
Електронската мрежна страница (web-страницата) на Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија е составена од 3 (три) дела - целини:
1. Јавна страница, на којашто сите заинтересирани може без надомест да ги добијат прописите од 2001 до 2009 година (односно од претходната година), соодветните податоци и информации поставени на неа или преку директен контакт со претпријатието на посочената контакт-електронска адреса.
2. База на податоци, каде што корисниците може да пристапат до важечките и неважечките прописи и други акти, соодветно систематизирани од 1945 до денес, со надомест утврден од страна на Управниот одбор на претпријатието.
3. Актуелните изданија на службеното гласило „Службен весник на Република Македонија“, од тековната година (2010), со надомест утврден од страна на Управниот одбор на претпријатието, по претходна согласност од страна на Владата на Република Македонија.
Одредби кои се однесуваат на заштитата на базите на податоци
од
З А К О Н О Т
ЗА АВТОРСКОТО ПРАВО И СРОДНИТЕ ПРАВА
Член 7-а
База на податоци во смисла на членот 7 од овој закон е збирка од независни авторски дела, дела од народното творештво, други дела, податоци или други материјали подредени на систематски или методичен начин и кон која може да се пристапува индивидуално преку електронски средства или на друг начин.
Заштитата на базата на податоци според овој закон не се однесува на компјутерските програми што се користат за создавање или за работење на базите на податоци со електронски пристап.
СРОДНИ ПРАВА
Оддел 1
Општи одредби
Член 104
Сродни права, во смисла на овој закон, се правата на ……. изготвувачите на бази на податоци) над нивните ...............изданија и бази на податоци (во натамошниот текст: предмети на сродни права) определени со овој закон.
Член 105
Одредбите од овој закон за деловите на авторското дело, за дефинициите на материјалните права, за пресметување на траењето на авторското право, како и за пренесување на авторското право, соодветно се применуваат и на сродните права.
Одредбите од членовите 21-ѓ, 21-е, 21-ж, 21-з, 21-ѕ, 22, 23, 24, 25, 27 ставови 1 и 2, 28, 29, 30-а, 32, 33, 34, 34-а, 35, 36, 37, 40, 40-а, 41 и 41-а на овој закон се применуваат во обем и во случаи соодветно на одделни видови сродни права.
Ограничувањето на материјалните права на изготвувачите на базите на податоци со “суи генерис” се врши заштита според членот 134-д на овој закон.
Пододдел 7
Права на изготвувачи на бази на
податоци со “суи генерис” заштита
Член 134-а
Изготвувачот на базата на податоци има право да го спречи извлекувањето и/или повторното користење на целината или битните делови на базата на податоци, доколку презентира дека извршил квалитативно и/или квантитативно суштинско вложување во прибирање, верификација или презентација на нејзината содржина (во натамошниот текст: “суи генерис” заштита).
“Суи генерис” заштитата се применува независно од тоа дали базата на податоци или нејзините составни делови уживаат авторско-правна заштита според овој закон или според други прописи.
“Суи генерис” заштитата ќе се применува без да се повредат постојните права во однос на содржината на базата на податоци.
Член 134-б
“Суи генерис” заштитата на базата на податоци ја опфаќа:
- целата содржина на базата на податоци;
- суштинските делови од нејзината содржина, проценети квалитативно и/или квантитативно и
- несуштинските делови од нејзината содржина, кога тие се користат повторувано и систематично и спротивно на редовното користење или во неразумна мерка ги повредуваат законските интереси на изготвувачот на базите на податоци.
“Суи генерис” заштитата на базата на податоци не се применува на компјутерски програми користени за изработка или за работа на базите на податоци достапни преку електронски средства.
Член 134-в
Изготвувачот на базата на податоци има исклучиво право да дозволува или забранува извлекување и повторно користење.
“Извлекување”, во смисла на овој закон, претставува трајно или времено пренесување на целата содржина или на суштински дел од содржината на базите на податоци на друга материјална подлога на кој било начин или форма.
“Повторно користење”, во смисла на овој закон, претставува која било форма на објавување на целата содржина или на суштински дел од содржината на базите на податоци преку дистрибуирање на примероци, ставање на располагање на јавноста или други форми на јавно соопштување. Со првата продажба на примерок од базата на податоци од страна на носителот на правото или со негова согласност, се исцрпува правото на контрола на натамошната продажба на примероците.
Јавното позајмување, во смисла на овој закон, не претставува користење во смисла на ставовите 2 и 3 од овој член.
Член 134-г
Изготвувач на објавена база на податоци не смее да го спречи законскиот корисник од користење на несуштинските делови од нејзината содржина проценета квалитативно и/или квантитативно за какви било цели. Кога законскиот корисник е овластен да користи само дел од базите на податоци, овој став ќе се применува само за тој дел.
Законски корисник на објавена база на податоци не смее да презема какви било дејства спротивни на редовното користење и/или дејства што во неразумна мера ги повредуваат законските интереси на изготвувачот на базите на податоци.
Законскиот корисник на објавена база на податоци не смее да предизвика штета на носителот на авторското право или сродните права во однос на делата или предметите на сродните права што се содржани во базата на податоци.
Одредбите од договорот спротивни на овој член се ништовни.
Член 134-д
Користењето на суштинските делови од содржината на базата на податоци од страна на законскиот корисник е слободно како:
- извлекување од неелектронска база на податоци за приватни цели;
- извлекување заради илустрирање во наставата или за научни истражувања, доколку изворот е наведен и во обем оправдан со некомерцијалната цел и
- извлекување и/или повторно користење за цели на јавна безбедност во управни и судски постапки.
Одредбите од членовите 28 до 42 на овој закон не се применуваат на “суи генерис” заштитата.
Член 134-ѓ
Правата на изготвувачот на базата на податоци траат 15 години по завршувањето на изработката на базата на податоци. Доколку во тој период таа законски е објавена, правата ќе траат 15 години од првото такво објавување.
Начинот на пресметувањето на траењето на заштитата утврден во членот 51 од овој закон соодветно се применуваат на “суи генерис” заштитата.
Рокот за заштита утврден во ставот 1 од овој член почнува од ново да тече со секоја значителна измена, проценета квалитативно и/или квантитативно, на содржините на базата на податоци вклучително и секоја суштинска измена што произлегува од кумулацијата на последователни дополнувања, бришења или менувања што ја квалификува базата на податоци како суштински ново вложување проценето квалитативно или квантитативно.”
ГЛАВА СЕДМА
ЗАШТИТА НА ПРАВАТА
Оддел 1
Општи одредби
Член 156
Лице, чии права според овој закон се повредени, може да побара заштита на правата и надомест на штета, доколку со овој закон не е поинаку определено.
Носителот на правото може да побара заштита од став 1 на овој член и кога се заканува вистинска опасност од повреда на правата според овој закон.
Член 158-б
Се смета дека некое лице ги повредува исклучивите материјални права кога свесно, без дозвола отстранува или изменува која било електронска информација за управување со правата, репродуцира, дистрибуира, увезува заради дистрибуција, изнајмува или јавно соопштува авторско дело или предмет на сродните права чиишто електронски информации за управување со правата биле неовластено отстранети или изменети, а знаело или можело да знае дека со тоа предизвикува, овозможува, олеснува или прикрива повреда на правата.
Информациите за управување со правата од ставот 1 на овој член претставуваат сите информации што ги обезбедуваат носителите на правата, а со кои се препознаваат авторските дела, предметите на сродните права, базите на податоци со “суи генерис” заштита, авторот, други носители на правата, роковите и условите за нивно користење, како и нивните соодветни бројки и кодови, што ги претставуваат тие информации.”
Оддел 4
Прекршочни одредби
Член 168
Глоба во износ од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице кое:
- без одобрение на издавачот и без плаќање на надоместок на издавачот фотокопира за приватно или друго сопствено користење негово пишано дело (член 131);
- без пренесување на соодветно исклучиво право од изготвувач на бази на податоци извлекува или повторно користи бази на податоци со “суи генерис” заштита (член 134-в);
- отстранува или изменува секоја електронска информација за управување со правата или репродуцира, дистрибуира, увезува заради дистрибуција, изнајмува или јавно соопштува авторско дело или предмет на сродните права чиишто електронски информации за управување со правата биле неовластено отстранети или изменети, а со намера или небрежност предизвикало, овозможило, олеснило или прикривало повреда на правата (член 158-б).
Глоба во износ од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок и на одговорното лице во правното лице, на трговецот поединец и на поединецот кој врши самостојна дејност или професија, за прекршокот од ставот 1 на овој член."
„Глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичкото лице за прекршокот од ставот 1 на овој член."
„За прекршок од ставот 1 на овој член сторен од користољубие или за прекршок со кој е предизвикана поголема имотна штета, на правното лице од ставот 1 на овој член ќе му се изрече глоба од 10.000 евра во денарска противвредност, а на физичкото лице од ставовите 2 и 3 на овој член ќе му се изрече глоба до 6.000 евра во денарска противвредност.
..............................................
Одредби кои се однесуваат на неовластено навлегување во компјутерски систем
од
КРИВИЧЕН ЗАКОНИК “Службен весник на РМ“ бр. 37/96; 80/99; 4/2002; 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006,7/2008, 139/2008, 114/2009
Оштетување и неовластено навлегување
во компјутерски систем
Член 251
(1) Тој што неовластено ќе избрише, измени, оштети, прикрие, или на друг начин ќе направи неупотреблив компјутерски податок или програма или уред за одржување на информатичкиот систем или ќе го оневозможи или отежне користењето на компјутерски систем, податокот или програмата или компјутерската комуникација,
ќе се казни со парична казна или
со затвор до три години.
(2) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што неовластено ќе навлезе во туѓ компјутер или систем со намера за искористување на неговите податоци или програми заради прибавување противправна имотна или друга корист за себе или за друг или предизвикување имотна или друга штета или заради пренесување на компјутерските податоци што не му се наменети и до кои неовластено дошол на неповикано лице.
(3) Тој што делата од ставовите 1 и 2 ќе ги стори спрема компјутерски систем, податоци или програми што се заштитени со посебни мерки на заштита или се користат во работењето на државни органи, јавни установи или во меѓународни комуникации, или како член на група создадена за вршење такви дела,
ќе се казни со затвор од една до пет години.
(4) Ако со делото од ставовите 1 и 2 е прибавена поголема имотна корист или предизвикана поголема штета,
сторителот ќе се казни со затвор
од шест месеци до пет години.
(5) Ако со делото од став 3 е прибавена поголема имотна корист или е предизвикана поголема штета,
сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.
(6) Тој што неовластено изработува, набавува, продава, држи или прави достапни на друг посебни направи, средства, компјутерски програми или компјутерски податоци наменети или погодни за извршување на делата од ставовите 1 и 2,
ќе се казни со парична казна или
со затвор до една година.
(7) Обидот за делото од ставовите 1 и 2 е казнив.
(8) Посебните направи, средства, компјутерски програми или податоци наменети за извршување на делото ќе се одземат.
Со почит,
ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ
СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА,
|